Обвинителството ќе се жали на ослободителната пресуда за Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања Ѓорчевска, кој беше обвинет дека помагал со информации за нејзино грабнување.

Обвинителката Ана Стојковиќ Димитриевска рече дека иако немале докази какви што сакаат да имало, неспорен факт е дека само родителите знаеле дека детето ќе оди само во училиште, а двајца од обвинетите кажале дека дознале од таткото, преку Палевски, пред потоа да ја сменат изјавата. Обвинителката вели дека кога го смениле исказот, двајцата обвинети не понудиле ниту еден разумен факт и околност зошто го сториле тоа, а за тврдењето дека се вршела тортура над нив, обвинителката рече дека тоа не е реално, ниту се докажало.

Кривичниот суд пресуди доживотен затвор за Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов за грабнувањето и за убиството  на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски. Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски е ослободен од обвинение.