Една година по обелоденувањето на скандалот за можни манипулации на Онкологија, Обвинителството истражува некои од поконкретните случаи овде. Исто така, формирана е и анкетна комисија во Собранието, но овие мерки не се доволни за пациентите кои ја изгубиле довербата во оваа Клиника и изразуваат скептицизам за терапиите што ги добиваат.

Виолета Клисарова, како замена на еден од осомничените во скандалот, поранешниот медицински директор Нино Васев, вели дека двојно работат на враќање на довербата кај граѓаните. Таа вели дека е подготвена да им се извини на пациентите во име на целиот персонал.

Од здружението на болни од рак „Хема-Онко“ велат дека Македонија е единствената земја која нема унифициран регистар за болни од рак. Претседателката на ова здружение Лидија Пецовак тврди дека досега неселективно се нарачувале терапии и сè било надвор од контрола за издвоениот буџет.

Во рамките на октомври, како месец за сензибилизирање на граѓаните за ракот, од ова здружение велат дека во земјава има околу 70 илјади болни од канцер.