Основното јавно обвинителство Гостивар поведе постапка и предложи мерки на претпазливост за двајцата возачи по вчерашната сообраќајна несреќа на автопатот Гостивар-Тетовo.
Од Обвинителството информираа дека според првичните сознанија едниот 19-годишник од Врапчиште со македонско и словенечко државјанство управувал со автомобилот „мерцедес“ со брзина поголема од дозволената, а вториот 47-годишник од Охрид претекнувал без претходно да се увери дека може да го стори тоа без да ги загрози останатите учесници во сообраќајот.
Во сообраќајната несреќа меѓу двата автомобили кои се движеле еден по друг во правец кон Гостивар, животот го загуби сопатничка од охридскиот автомобил, а останатите четири лица-учесници се здобиле со повреди.
„Согласно тоа за двајцата осомничени постои основано сомнение дека би можеле да бидат сторители на – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик“, велат од Обвинителството.
Јавниот обвинител предложи на двајцата привремено да им биде одземена патната исправа, да им биде изречена забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште и да им биде одредена обврска повремено да се јавуваат кај надлежен орган додека трае постапката.