Јордан Камчев е само сведок за „Рекет“, но не и оштетен иако наводно дал милион евра на осудените Бојан Јовановски и Катица Јанева со цел да добие олеснителни околности во случајот „Империја“, рече одбраната образложувајќи ги жалбите пред Апелациониот суд.
„Што гледате вие во тие четири секунди? Гледате пари, женска рака и лист хартија и гледате некој лик кој што ја носи таа торба полесно него јас оваа маска и вака ја мафта и на тоа ли ќе се заснова оваа пресуда од девет односно седум години“, истакна Сашо Дуковски.
Обраната се жали и на снимките кои како што велат Камчев ги направил нелегално, прашувајќи зошто го нема чинот на предавање на парите. Според јавно објавените снимки, со торбата од куќата излегува Кичеец, кој призна вина на првото рочиште, но денеска Боки 13 рече дека не би постапил исто доколку повторно биде прашан.
„Да вие верувате на Јордан Камчев дека тој извадил од своите сметки пари, а да не ги проверите сметките мислам е нон сенс. За да се тврди дека се променети пари во менувачница „Бела“, а после да не проверите во Народна банка дали е таква трансакција пријавена, а должна е да биде пријавена исто така е нон сенс“, вели Дељо Кадиев.
Поради повреди во постапката, одбраната бара укинување на пресудата и враќање на предметот на повторно судење. Вишиот обвинител пак побара да се зголемат затворските казни.
„Изречените казни се благи и нема да бидат исполнети целите на казнување. Судот ги преценил олеснителните околности и недоволно ги земал во предвид отежнителните околности. Предлагам Апелацискиот суд да ги преиначи и им одреди повисоки казни“, велат од Јавното обвинителство.
Катица Јанева поради здравствени проблеми денеска не дојде во Апелација, но испрати писмо со кое е согласна да се одржи јавна седница. Таа и Бојан Јовановски до одлуката на Апелација остануваат во куќен притвор. Со првостепената пресуда, Јовановски одби 9, а Јанева 7 години казна затвор.