Обвинителството побара доживотна казна затвор за 33-годишниот, Фадил Зејнелов, кој пред три години ја уби својата партнерка Емилија Пешева.
Обвинетиот ја призна вината, а по убиството на 1 ноември минатата година тој самиот се пријави во полицијата. Сепак обвинителството верува дека тоа не треба да биде олеснителна околност, бидејќи Зејнелов веќе 10 години поминал во затвор за други дела.
Доживотна казна бара и семејството на Емилија.
„Обвинителството кажа убаво, казната да биде доживотна за монструмот што ни ја утепа ќерката. Очекувам дека судот ќе пресуди доживотна, а тоа го сакаме и ние како родители“, рече таткото на Пешева, тврдејќи дека убиецот по убиството не заминал директно во полицијата, туку првин пошол во казино и играл комар.
Пресудата ќе биде објавена во среда на 12 февруари.
Според обвинението, тој се товари дека откако се договориле и се сретнале пред нејзиниот дом, заедно отишле во напуштен објект на ЈП Исар за да разговараат за проблемите во нивната повеќегодишна врска. Разговорот преминал во расправија, по што обвинетиот физички ја нападнал жртвата и започнал да ја удира со тупаници. Кога таа паднала на подот, тој започнал силно да ја стега во пределот на вратот додека не дошло до прекин на дишењето и нарушување на дотокот на крв во мозокот, како резултат на што жената починала.