Косовскиот амбасадор во Скопје Ѓерѓ Дедај беше контактиран од обвинител на Специјалниот суд во Хаг. Дедај самиот ја објави веста преку социјалните мрежи. Дедај вели дека целта на повикот од Хаг била да го известат дека е назначен обвинител на случајот, но без да даде детални објаснувања за каков случај се работи.

„Меѓу другото, обвинителот ме праша дали имам закани или загриженост! Му реков дека немам и немам закана од никого“, рече Дедај.

– Advertisement –

Дедај, исто така, појаснува дека во комуникација со обвинителот од Судот во Хаг, тој изразил, како што вели, загриженост во врска со неоткривањето на српските злосторства на Косово.

„Ги информирав дека нашата најголема грижа, сега веќе 22 години, е неуспехот да се открие српското злосторство против десетици членови на моето семејство, како и неуспехот да се открие масакрот во Меј крај Ѓаковица, каде српските сили на 27 април 1999 година, брутално убија над 380 невини цивили Албанци, иако никој не е уапсен од Србите, за овој масакр против човештвото!“, додава Дедај.

Амбасадорот Дедај исто така додава дека е подготвен, наспроти неговата желба, да одговори на поканите на Специјалниот суд, како што рече, сведочејќи за правичната борба на ОВК и барајќи казна за одговорните за српските злосторства на Косово. Специјалниот суд покрена обвинение против поранешниот претседател на Косово Хашим Тачи и поранешниот претседател на Демократската партија на Косово, Кадри Весели за злосторства против човештвото. Специјалниот суд покрена и други обвиненија против поранешните војници на ОВК, осомничени за воени злосторства.

Алсат