Истрагата се однесува на три јавни набавки. Првата е за софтверот, а останатите две се за работи поврзани со за софтверот. Осомничените се гонат за злоупотреба на службената положба и овластувања со тоа што, Рашковски се товари за сите три јавни набавки, додека останатите тројца само за првата
Обвинителката Ивана Трајчева која денеска го застапуваше случајот со набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци од ексгенералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, не е задоволна од мерката куќен притвор што ја одреди судијата на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје.
Таа смета дека Рашковски и од куќен притвор може да влијае на сведоци.
„Можам веднаш да ви кажам дека ќе следи жалба на одлуката за куќен притвор од причина што ценам дека обвинителството даде доволно докази да ги докаже околностите поради кои бараше да биде определена мерка притвор, а не куќен притвор. Со мерката куќен притвор сметаме дека и понатаму ќе постои опасност од влијание врз сведоците и останатите материјални докази кои допрва ќе треба да бидат прибавувани и сослушани во текот на постапката. Од тие причини во текот на утрешниот ден ќе поднесеме жалба“, изјави Трајчева.
Од Основниот кривичен суд Скопје, пак, соопштија дека судијата одлучил да одреди куќен притвор затоа што обвинителката не приложила докази за имотот на Рашковски и за тоа како би влијаел на истрагата. Трајчева не сакаше да ја коментира ваквата констатација на судот, но останува на ставот дека има докази за опасноста од бегство и за влијанието на сведоци.
„Не можам да ги коментирам причините зошто судот одлучил така. Тоа што можам да го кажам е дека од она што досега го имаме прибавено и она што беше кажано од самиот осомничен сметам дека постојат доволно околности да се потврди имотната состојба на осомничениот, но тоа сепак е одлука на судот, јас немам да ја коментирам, но имам право на жалба“, рече Трајчева.
Покрај за Рашковски, обвинителството бараше притвор и за сопственикот и управител на фирмата што ја доби спорната набавка „Инвока гроуп“, Даниел Станчев. Но, и за него судот одреди мерка притвор.
Во истрагата осомничени сè уште две лица за кои се бараат мерки на претпазливост (одземање пасоши и јавување во судот), и тие дополнително ќе бидат повикани во судот на сослушување, по што судија на претходна постапка ќе одлучи за мерките.
Обвинителството ја отворило истрагата вчера, а утрово Рашковски и Станчев беа приведени и спроведени во судот. Предистрагата, пак, беше отворена на 18 април, откако „360 степени“ објави за спорната набавка на софтверот за сообраќајни прекршоци во времето кога Рашковски беше генерален секретар на Владата.