Амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која смета дека е важно земјата по речиси 20 години, да спроведе попис со цел Владата да може да креира и спроведе политики за доброто на граѓаните врз ажурирани податоци.

Амбасадорот Која е охрабрен што некои од опозициските партии го поддржале усвојувањето на Законот за попис, без разлика што не постоело целосен консензус.

„Според мое гледање законот бил подготвен според најдобрите практики и стандарди од различни институции со надлежност во оваа област, како што се Економската комисија за Европа на ООН и Евростат, вели Која во интервју за МИА.

Тој не го коментира барање на ВМРО—ДПМНЕ да има електронски попис, но истакнува дека многу земји учеснички  во организација планираат попис оваа година.

„Важно е за Владата да воспостави јасни протоколи за да се осигура безбедноста и здравјето на попишувачите на теренот и на домаќинствата кои ќе бидат анкетирани. Искуството од предвремените парламентарни избори во јули 2020 година ми влева доверба дека ќе бидат испочитувани утврдените протоколи, оценува Која.

Според него, нацрт-концепцијата за реформи во основното образование, резултатите од Програмата за меѓународно оценување на учениците и во 2015 и во 2018 година покажале дека образовниот систем треба да стави посилен акцент на зајакнување на вештините на матурантите.

„Сметам дека развојот на нова концепција за основно образование е практичен чекор кон зајакнување на резултатите од образованието, вели Која.