Облаци чад се разнесуваат на автопатот Куманово-Скопје. Се чувствува и силен мирис на чад во воздухот, јавува Макфакс.

Вчера на територија на државата имало вкупно 66 пожари на отворено и шумски пожари. Од вкупниот број на пожари, 51 целосно се изгаснати, три пожари се ставени под контрола, а во моментот активни се 12 пожари.

Директорот на Дирекцијата за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов преку видео изјава соопшти дека на ниво на државава, состојбата е тешка, но не е алармантна.

Укажа дека депониите воопшто не треба да се потценуваат, затоа што, како што рече, токму вчера во Дојран најпрвин се запалила депонија, а потоа од депонијата можело да се случи трагедија бидејќи биле зафатени неколку блиски куќи. Информира дека пожарот во Дојран е се уште активен, но не го загрозува градот.