Една нова студија од Универзитетот во Глазгов покажа дека вирусите кои предизвикуваат настинка успешно се натпреваруваат со новиот коронавирус и го исфрлаат од човечкиот респираторен систем. Вирусите кои предизвикуваат настинка се нарекуваат риновируси и во човечкото тело, според студија на шкотски научници, ќе ја совладаат и блокираат репликацијата на вирусот SARS-CoV-2, предизвикувачкиот агенс на ковидот.
Се проценува дека риновирусите се одговорни за 40 проценти од обичните настинки, кратки и безопасни болести. Вирусите се натпреваруваат за опстанок кај нивните домаќини, но некои може да коегзистираат со други. На пример, аденовирусите можат да делат куќа (човечки клетки) со други вируси. Но, вирусите на грип или обичната настинка се осамени воини. Тие ја напаѓаат човечката клетка сами и сакаат да останат сами во неа.
Реплика на респираторниот систем
Знаејќи го ова, научниците од Универзитетот во Глазгов направија копија на човечкиот респираторен систем што коронавирусот го користи за да влезе во телото. Потоа ги вметнаа двата вируси во реплицираниот респираторен систем и им дозволија слободно да ги напаѓаат клетките.
Кога двата вируси се ослободени истовремено, „риновирусот активира природен имунолошки одговор што ја блокира репликацијата на коронавирусот во респираторниот епител кај човекот“, рече водачот на студијата Пабло Мурсија. Ова значи дека респираторниот систем бил заразен само со обична настинка.
Кога риновирусот е ослободен со 24-часовна предност, коронавирусот нема никакви шанси. Дури и во обратна ситуација, кога на коронавирусот му е дадена предност во колонизацијата, риновирусот пристигна подоцна и го „протера“ SARS-CoV-2 од клетките.
Привремена заштита
Заклучокот е едноставен, SARS-CoV-2 во директен судир со риновирус нема шанси.
„Ова значи дека имунолошкиот одговор на обичната, лесна настинка, може да обезбеди одредено ниво на привремена заштита од коронавирусот“, рече професор Мурсија.
За жал, имунолошкиот одговор на обичната настинка се смирува неколку дена по завршувањето на болеста, а SARS-CoV-2 потоа може да го нападне телото. Иако ова знаење може да се искористи во развојот на стратегии против ковид, шкотските научници забележуваат дека дотогаш „вакцинацијата е најдобра заштита од ковид“.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.