Преплетот на црвено и бело конче, која кај нас се нарекува мартинка, се верува дека претставува амајлија за здравје и заштита од зло.

Вековната традиција која се врзува со месецот март, се верува дека има пагански корени, се обележува во многу земји меѓу кои Македонија, Бугарија, Романија и Албанија, пишува „Mediapool“.

Црвено-белата амајлија се верува дека секогаш треба да се носи на левата рака или како брош на градите. Оние кои се обидуваат да ја зачувaат древната традиција се надеваат дека мартинката ќе им донесе добро здравје и сила.

Белиот конец ја симболизира мажественоста, разумот и воздржаноста, а црвениот конец ја симболизира женственоста, сензуалноста, љубовта и радоста.

Во минатото, селаните врзувале сребрена паричка на рацете на децата со црвен и бел конец за да ги штити од болести. По 12 дена, мартинката ја закачувале на овошно дрво. Во некои области на Молдавија постои традиција жените да носат златна или сребрена паричка закаена на црвено бело конче околу вратот.

Иако на Балканот постојат разлики во ритуалите и толкувањето, сепак приказната мартинките се поврзува со митот за „Баба Марта“. Кога ќе го видиме првиот штрк или ластовичка, мартинките се закачуваат на дрво.

Во Романија, мартинката се поврзува со „Баба Докија“ митолошки лик чиј ден се слави на 1 март. Според некои истражувачи, името на Баба Докија потекнува од византискиот маченик Света Евдокија. Друга легенда тврди дека Докија била ќерка на дакискиот владетел Декебал. Прогонувана од војниците на императорот Трајан, Докија со нејзините овци се скрила во светата планина Чахлу, каде што се скаменети и таа и овците.

Според старите романски обичаи, на 1 март не се работи, затоа што Баба Докија ќе се налути и ќе донесе ладно време и лоша среќа, истото се поврзува со Баба Марта која е попозната верзија кај нас.

Во некои делови на Романија, мартинката се носи во текот на март, сè до празникот Цветници, до Ѓурѓовден или првото до моментот кога се забележи првото расцветено дрво. Но, особено важни се првите десет дена од март, народно познати како „бабите“.

Според традицијата, секоја жена си избира еден од деветте дена за да предвиди каква ќе биде нејзината среќа во текот на годината. Ако денот е сончев и светол, тоа значи дека годината ќе биде радосна и среќна, ако времето е лошо и врне дожд или снег, годината ќе биде исполнета со солзи, сиромаштија и неуспех.