Благодарение на огромниот бран на сочувство за жртвите од трагичниот инцидент во градот Кочани, Република Северна Македонија, во оваа фаза се обезбедени потребните количини крв и крвни продукти, извести БГНЕС.
Во моментов, достапните залихи се на оптимално ниво, а капацитетот за обработка и складирање е привремено исполнет.
Бугарските медиуми пренесоа дека само во вторникот над 600 луѓе дарувале крв во центрите низ земјата. Во Бугарија се лекуваат 15 повредени во пожарот во Кочани – меѓу нив и деца и млади.
Бугарскиот Црвен крст утрово информираше дека лекувањето на повредените млади ќе биде долгорочно, потребата од крв е динамична и може да се јави во секоја наредна фаза од нивното лекување. Националниот центар за трансфузиона хематологија се залага за редовно ажурирање на потребата од крв и крвни продукти, а доколку повторно се појави потреба од крв, бугарскиот Црвен крст ќе организира крводарителска акција.
„Бугарскиот Црвен крст изразува искрена благодарност до сите кои се одзваа на повикот и даруваа крв! Вашата хуманитарна помош е непроценлива и докажува дека човечката солидарност и емпатија ја докажуваат силата на заедницата. Им благодариме на Министерството за здравство, Националниот центар за трансфузиона хематологија, Универзитетската болница за трансфузија на крв Н.И. Пирогов и регионалната медицинска академија за хематологија за трансфузија. Уште еднаш – им благодариме на сите кои веќе се вклучија во крводарителската акција!“, се вели во соопштението на бугарскиот Црвен крст денеска дистрибуирано преку медиумите.