Обединетите нации објавија извештај во кој се тврди дека серија кризи без преседан, особено пандемијата на коронавирус, го вратија човечкиот напредок пет години назад.

Покрај тоа, се вели дека поттикна глобален бран на неизвесност.
Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) објави дека за прв пат откако е создадена пред повеќе од 30 години, Индексот на човечки развој (мерка за очекуваниот животен век, нивоата на образование и животниот стандард) опаѓа две последователни години во 2020 и 2021 година.

„Тоа значи дека умираме порано, помалку сме образовани, а приходите ни паѓаат“, изјавил шефот на УНДП, Ахим Штајнер, во интервју за АФП.

Додава дека индексот на човечки развој постојано растеше со децении, но почна да опаѓа во 2020 година и продолжи да опаѓа во 2021 година, со што се смени напредокот од претходните пет години.
Насловен „Несигурни времиња, несредени животи“, извештајот ја посочува пандемијата „Ковид-19“ како главен двигател на глобалниот пресврт, но исто така вели дека зголемениот број кризи, политички, финансиски и климатски, не му даваат на населението време да се опорави.

„Имавме катастрофи и порано. Имавме конфликти и порано, но комбинацијата на она со што се соочуваме сега е голема пречка за човековиот развој“, рекол Штајнер.

Падот е глобален и погодува повеќе од 90 отсто од земјите во светот, покажуваат истражувањата. Швајцарија, Норвешка и Исланд ги задржаа своите места на врвот на листата, додека Јужен Судан, Чад и Нигер се на самото дно, пренесува РФИ./Makfax