Почнуваме обединети и во ист ден до искоренување на коронавирусот, порача претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, пред пратениците во Европскиот парламент. Стариот континент, членките на Европската Унија, но и оние кои не се дел од неа, како и цел свет, се подготвуваат за анти-ковид вакцината во која се полага надеж за враќање на животот во нормала по изминатите десет месеци со разноразни рестрикции и голем број на заболени и починати лица.
„Фајзер“ и „БајонТек“, како и „АстраЗенека“ со Универзитетот Оксфорд заеднички работеа на проектот „анти-ковид вакцина“, што пак самостојно го тераа или сè уште тераат „Гамалеја“, „Модерна“, „Кјурвакс“, „Санофи“, „Џонсон&Џонсон“, „Новавакс“, „Ваксарт“, „Иновио Фармасеутикалс“, „Имјунити Био“. Дел од нив се „закочени“ во прва фаза, дел во втора, некои ја минаа третата додека некои завршија со тестирања и се влезени во фаза на пакување и дистрибуција за што, покрај директните преговори, ќе служи и Ковакс механизмот на Светската здравствена организација (СЗО).
Германија ќе биде меѓу првите членки на Европската Унија (ЕУ) што ќе започне со вакцинанција на населението. Министерот за здравство Јенс Шпан ја најави обемната мисија за деновите околу католичкиот Божик, поточно 27 декември, но дали ќе почне порано или подоцна, ќе зависи од тоа дали и кога Европската агенција за лекови (EMA) ќе одобри вакцина. Според планот, први во редот ќе бидат штитениците на домовите за стари лица и здравствените работници, пренесуваат агенциите „Франс прес“ и ТАСС.
Во тој контекст, а под притисок на Германија, се огласија и од ЕMA од каде истакнаа дека решението за одобрување на вакцината на „Фајзер“ и на „БајонТек“ че биде донесено на 21 декември, една недела пред планираното.
Имунизацијата во Франција ќе почне во последната недела на декември, согласно заложбата на премиерот Жан Кастекс. Првата фаза ќе трае меѓу шест и осум недели и во неа ќе бидат опфатени возрасните лица, медицинскиот персонал и лица од други ризични групи.
Италија, пак, ќе почне со имунизација на населението во втората половина на 2021 година. Тамошните власти очекуваат 3,4 милиони дози во првата пратка со вакцината на „Фајзер“ и на „БајонТек“ што значи дека ќе бидат вакцинирани 1,7 милиони лица. Инаку, една од најпогодените европски држави по бројот на инфицирани и починати лица, ќе добие вкупно 27 милиони дози на анти-ковид вакцина од вкупно 200 милиони дози колку што резервира Европската Унија за нејзините земји-членки.
Шпанија, според министерот за здравство Салвадор Илја, ги очекува првите дози на анти-ковид вакцини на 4/5 јануари и веднаш ќе почне со вакцинацијата. Ќе бидат потпишани од „Фајзер“ и „БајонТек“ што се веќе одобрени во Велика Британија. Меѓутоа, „специфичниот календар“ за имунизација, според Илја, ќе зависи од исходот на состанокот на ЕМА за американско-германската вакцина, но и на 12 јануари кога ЕМА ќе одлучува за вакцината на „Модерна“.
Шпанските власти обезбедија 140 милиони дози, што во моментот е можеби и повеќе од доволно, и нагласија дека вакцина ќе има за секој што е заинтересиран да ја прими. Се очекува да се вакцинираат меѓу 15 и 20 милиони Шпанци.
До крај на годината се очекуваат првите дози и во Белгија, во Австрија, во Холандија, во Португалија и, горе-долу, во сите останатите членки на ЕУ. Дел од нив ќе почнат со вакцинирање на населението на почетокот на 2021 година и планираат да завршат голем дел од процесот до лето.
Европската Унија, освен за своите членки, ќе се погрижи и земјите од регионот на Западен Балкан да имаат пристап до анти-ковид вакцината, по множност и тие да ја добијат истовремено штом се појави на европскиот пазар. Според прелиминарните податоци, ЕУ обезбеди околу две милијарди дози (за секого по две), а цел континент брои околу 450 милиони жители.
Праќањето на вакцините против ковид-19 во регионот ќе оди преку два канала – Ковакс механизмот и преку индивидуални земји-членки на ЕУ кои ќе имаат вишок. Портпаролката на ЕК, Ана Писонеро апелира до земјите од Западен Балкан да почнат да развиваат национални стратегии за вакцинација и во тој поглед ја понуди помошта на ЕУ.
И Македонија се подготвува за ковид-вакцината: Еве кој смее, кој не – да се вакцинира
Вакцината на „Фајзер“ е достапна во САД од понеделникот, а за овие денови се очекува одобрување за употреба и вакцината на „Модерна“. Новоизбраниот претседател Џо Бајден, кој треба да стапи на должност на 20 јануари, изјави дека ќе се вакцинира во текот на наредната недела. Неговиот план е во првите 100 дена да се реализира масовна имунизациона кампања и време за чекање нема со оглед дека земјата е водечка во светот по бројот на заболени (17 милиони) и на починати (308.000).
Македонија ќе добие анти-ковид вакцини во првите месеци на 2021 година