Осомничениот за денешното повеќекратно убиство во Цетиње е Ацо Мартиновиќ (45) од тој град, кој се уште е во бегство.
Како што објави порталот на Радиотелевизија на Црна Гора, тој убил најмалку седум лица, од кои две деца. Неколку лица се ранети. Според неофицијални информации тој убил и одредени членови од своето семејство, пренесуваат тамошните медиуми.
Според информациите на порталот cdm.me кој ја објави неговата фотографија, Мартиновиќ по расправија во кафуле во Цетиње убил неколку лица и побегнал со темносино комбе „фиат“.
Фотографијата потоа ја објави црногорската полиција, според написите.
Од полицијата посочуваат дека осомничениот е вооружен и опасен.
Полицијата апелира до граѓаните на Цетиње да останат смирени и да останат во своите домови, додека сите расположливи полициски единици се на терен и преземаат мерки од нивна надлежност за ставање на ситуацијата под контрола и изведување на сторителот пред лицето на правдата.