„Во близина на Бардовци не се гради никаков центар за бегалци. Станува збор за изградба на прифатен центар за странци, кој е во спротивна насока од населениот дел на Бардовци и е во близина на скопската обиколница. Тоа значи дека објектот кој се гради е надвор од населено место“, соопштуваат од Општина Карпош по денешниот протест на жителите кои се противат на изградбата на како што велат мигранскиот камп.
„Ваков центар се гради, затоа што постоечкиот објект во Гази Баба, којшто со години се користи за иста намена, не исполнува ниту елементарни услови за прифаќање на странците и притоа е лоциран во населено место. Изведбата и надзорот на објектот ја врши Делегацијата на Европската комисија, а финансиран е во рамки на ИПА фондовите на Европската унија“, појаснуваат од општината.
Еве го соопштението од Oдделението за односи со јавноста на Општина Карпош испратено до медиумите:
Прифатниот центар за странци, во близина на Бардовци ќе прифаќа лица на кои не им е утврден идентитетот (при што најчесто се враќаат во земјата од која доаѓаат).
Исто така, овој објект ќе згрижува сведоци – странци кои се дел од постапки кои се водат на наша територија, при што привремено се задржуваат тука, да дадат исказ, да помогнат во постапката и сл.
Покрај тоа што објектот кој се гради е надвор од населено место, истиот ќе биде објект од висок степен на безбедност. Прифатниот центар ќе располага со електронска опрема за следење на лицата кои се прифатени, видео надзор, заштитни прозорци и врати и сл.
Освен тоа, во меѓувреме, претставници од иницијативата за протест биле на средба со државниот секретар во МВР, Магдалена Несторовска, каде детално биле информирани за овој објект и неговата намена.
Исто така и градоначалникот Стефан Богоев деновиве ќе оствари средба со претставници од оваа протестна иницијатива, со цел повторно да им се разјаснат сите дилеми поврзани со изградбата на објектот.