Голем број медиуми објавија дека на меѓународниот аеродром Манас слетале два приватни авиони, кои наводно му припаѓаат на семејството Назарбаев. Еден од нив долетал од Македонија, другиот од Обединетите Арапски Емирати, објавија медиумите. По некое време, двата авиони го напуштиле аеродромот на киргистанската престолнина.
Аеродромот во главниот град на Киргистан, Бишкек, нема информации за слетувањето на леталото на семејството на Нурсултан Назарбаев кој е прв претседател на Казахстан, од 1990-та до 2019-та година, пренесува РИА Новости.
„Немаме такви информации“, велат од аеродромот на прашањето дали во авионот имало членови на семејството на Назарбаев. Исто така, воздушното пристаниште не можеше да потврди дека авионите припаѓаат на семејството на поранешниот претседател на Казахстан.
Во првите денови од новата година почнаа протестните акции во Казахстан. Жителите на градовите Жанаозен и Актау, кои се наоѓаат во регионот Мангистау каде што се произведува нафта, протестираа против двојното зголемување на цената на течниот нафтен гас што се користи како гориво за автомобилите. Од републичкото Министерство за енергетика објаснија дека од 1 јануари неговата вредност почнала да се формира при електронското тргување на берзата врз основа на понудата и побарувачката.