Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини денеска се сретна со новоименуваниот амбасадор на Република Косово, Флориан Ќехаја.

На средбата од двете страни беше изразено задоволство за одличната комуникација и добрата соработка во повеќе области од заемен интерес, како и заедничката посветеност кон европските принципи. Нуредини и Ќехаја разменија мислења и ги разгледаа можностите за унапредување на билатералната соработка во делот на заштита на животната средина, особено во прекуграничните заштитени подрачја, соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање.

Во тој контекст, како што се посочува, посебен акцент се стави на развивање на соработката на новоформираниот национален парк Шар Планина со косовскиот национален парк Шари и воспоставување и усогласување на принципите на управување и планирање на активности со кои би се овозможил повисок степен на заштита од природни непогоди, пожари, на биодиверзитетот и спречување на нелегални активности и како и полесен пристап до меѓународните донатори.

Ваквата соработка отвора можности и за продлабочување на веќе воспоставената соработката со ПОНТ и Глобал Конзервејшн фондот, но и пристап до други донаторски организации. Заеднички беше ставот дека со воспоставување на добра соработка ќе се создадат и поволни услови за одржлив развој на подрачјата, подобрување на социо-економската состојба на населението, развој на еко-туризмот и слично, информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање.