Министерот за животна средина Насер Нуредини вели дека производителите ќе може да ги произведуваат актуелните биоразградливи кеси до 1 јуни 2023.

– Година и пол дена ќе има време производителите да ги направат промените на новите законски услови, изјави Нуредини.

Официјално од денес во сите продавници и пазари на потрошувачите ќе им се наплаќа по 15 денари наместо 2 денари како претходно.

– Цената што сакаше да ја зголеми Владата беше 10 денари за кеса, пратениците бараа 20, ставот на крајот излезе 15. Идејата не е да се акумулираат средства, туку да нема пластика во храната и водата. Тоа е поентата на ваквите закони и мерки, рече Нуредини.

Тој додаде дека во неговото министерство не се употребуваат производи од пластика од 2020 и дека наредните денови во Службен весник ќе биде објавен новиот правилник за стандардите за биоразградливост, кој веќе е донесен и во истиот ќе бидат разјаснети сите нејаснотии за произведувачите и граѓаните.

-Ние ќе ве информираме во првиот квартал 2022 колку средства имаме во тој фонд од продажбата на кеси и што ќе направиме со тие средства кои ќе бидат наменети за подобрување на животната средина, најави министерот.