Собранието на РСМ вчера ја констатираше оставката на министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини кој јуни 2019 година се врати од Виена за да го пренесе стекнатото искуство и знаење од Австрија и Велика Британија каде ја започнал професионалната кариера, и истото да го искористи овде во земјата од која потекнува. Нуредини во изминатите години раководење со министерството успеа на ресорот животна средина да му даде друга димензија, да ги обезбеди клучните елементи потребни за напредок и тоа паралелно во сите области на животната средина .
Што јавноста знае за Нуредини?
Кон средината на 80-тите години се преселил во Виена и се образувал на Виенската меѓународна школа. Високото образование го продолжил во Германија и Обединетото Кралство. Кариерата ја започнува во 2004 година во Виена како економски аналитичар, за веќе следната година работниот ангажман да го продолжи во Лондон. Нуредини од јуни 2019 година ја извршува функцијата Министер за животна средина и просторно планирање, прифаќајќи го предизвикот да живее повеќе од 3 години одвоен од семејството и да работи на подобрување на условите за живот, на заштита на животната средина и имплементирање на европските стандарди и зелената европска агенда во земјата од која потекнува.
„ Почитувани граѓани и пријатели,
На секое патување, колку и да е долго, му доаѓа крајот.
Три и пол години во функција на министер со мисија полна со институционални, семејни и лични предизвици. Цело време бев загрижен за една работа: кога и да ми заврши патувањето, да успеам да излезам со чисто лице пред луѓето. Лично јас, но и моето семејство вложивме и жртвувавме многу. Само по 6 месеци на ова функција се соочив со кризата на пандемијата која дополнително ми ја отежнуваше работата, а потоа цело време „учев“ во криза.
На почетокот на мандатот, ресорот што ми беше доверен да го управувам имаше минимален потенцијал со максимални потреби и очекувања. Буџетот го „затекнав“со 7 милиони евра, а го оставам со портфолио од околу 300 милиони евра. Не случајно овој ресор, некогаш маргинален и непосакуван, денес стана толку привлечен.
Се трудев максимално, полн со убедување и чисти намери да им служам на граѓаните без партиски, етнички и просторни разлики, секогаш врз основа на сфаќањето на мисијата дека да се биде министер значи да им служиш на граѓаните. Дали сум успеал, ќе покаже времето и самите граѓани.
Благодарен сум му на господинот Ахмети, на партијата што ме поддржа и што ми дадоа одврзани раце во дејствувањето. Благодарен сум им и на двајцата премиери со кои работев овој период и кои ме поддржаа, како и на сите мои колеги (не само од субјектот што го претставував) што ми дадоа коректна поддршка.
Им благодарам на мојот Кабинет и на сите колеги во Министерството за соработката, посветеноста и професионалноста покажана во овој период. Мислам дека не беше толку лесно да се работи со мене со оглед на мојата западна работна култура.
Се извинувам за сите пропусти што ненамерно сум ги направил во меѓучовечките односи.
Посебна благодарност до меѓународната заедница и до сите амбасадори со кои тесно соработував и кои безрезервно ме поддржуваа како во генерирањето средства и грантови, така и во изготвувањето на политиките за животната средина.
Во посебен извештај во форма на отчетност ќе го информирам субјектот за сите активности, дејствија, завршени проекти и оние кои се во процес во текот на целиот период на моето раководење, и кој ќе го објавам за да го исполнам ветувањето за целосна транспарентност кон сите граѓани, а не само до членството.
На крај, апелирам до одговорните институции, особено до Државниот завод за ревизија, што е можно поскоро детално да ги ревидира сите мои активности, како и оние на ресорот што го управував и тоа од првиот ден од моето стапување на функција и јавно да ги објави.
Се надевам дека со овие постапки и политичко однесување некако придонесов да се создадат навики и модели за подобро владеење кои толку ни се потребни.
Упатувам апел до следниот министер да продолжи онаму каде што застанавме и да ги заврши преостанатите започнати процеси, а тие се многу, во интерес на остварување на поставените цели од зелената агенда, постигување на европските стандарди и целите за одржлив развој на државата.
Насер Нуредини “
Нуредини на последната тематска прес конференција на којашто го презентираше буџетот за оваа 2023 година, за јавноста изјави дека и покрај предизвиците со кои се соочува нашата земја, прво ковид пандемијата, за веднаш потоа и економска и енергетска криза, сепак Министерство успеало да реализира крупни капитални и инфраструктурни проекти во државата како потпишувањето на договорот за изградба на пречистителна станица во Скопје, проектот за воспоставување на регионални системи за управување со отпад, инвестиција вредна 85 милиони евра со што конечно по 31 година независност, нашата земја ќе добие сериозна инфраструктура за управување со отпад според европските стандарди.
Како една од поважните активности коишто честопати ги нагласуваше Нуредини се стратешки инвестиции во државата, преку искористување на природните ресурси со коишто располагаме за да го развиеме локалниот економски раст и развој и отпочнување со енергетска транзиција на земјата како долгоочекуван процес. Тука се споменуваа проектот за изградба на Чебрен, за што се одбра изведувач и се најавуваше договорот да биде потпишан почетокот на 2023 година, како и обезбедување на стратешки инвеститор за развој на Ски Центарот на Попова Шапка.
Нуредини беше гласен и категоричен и кога во ек на енергетска криза, но и енормна загаденост на воздухот, од различни инсталации се бараше да користат мазут за производство на топлинска енергија, алармирајќи дека е недозволиво користење на мазут и свесно загрозување на животната средина и здравјето на граѓаните. Цврсто стои на позицијата дека на државата и се потребни зелени инвестиции и ориентација кон користење на обновливи извори на енергија.