Маркет тестирањето на интерконкеторот со Грција ќе биде готово в понеделник, што го отвора патот за сè друго, се надеваме дека до крајот на годината ќе биде потпишан договорот за изградбата, а најдоцна до средината на 2024 година да имаме снабдување со гас од Грција, рече министерот за животна средина и просторно планирање на Северна Македонија Насер Нуредини за време на учеството на шестиот енергетскиот форум за Југоисточна Европа („Southeast Europe Energy Forum 2022“) во Солун, јави дописничката на МИА од Атина.
Говорејќи на панел дискусија за енергетската соработка заедно со министрите од регионот, Нуредини порача дека Северна Македонија сака да биде гасно независна, најдоцна до 2024 година воопшто да не биде зависна од рускиот гас и затоа работи на интерконекторот со Грција и инвестираше во терминалот за течен гас во Александруполи.
Со оглед на тоа дека форумот се одржува во исто време со состанокот на министрите за енергетика на ЕУ, Нуредини се согласи со ставот на албанската министерка дека требаше и претставници од Западен Балкан да бидат во Брисел, изрази надеж дека колегите од Унијата нема да го заборават регионот, а паралелно ја истакна потребата од регионална стратегија и соработка.
-Мислам дека регионалната соработка е единствен начин да одиме напред, порача министерот.
Додаде дека како за време на пандемијата, така и сега се градат силни врски со соседите, посочи дека е важна меѓусебната помош и поддршка, особено во пресрет на тешката зима.
-Треба да ги информираме нашите граѓани дека ќе зимата биде тешка. Го знаевме тоа. Кога европските министри им кажуваат на нивните граѓани ве молиме облечете се топло за зимата, истото ќе треба и ние да им го кажеме на нашите граѓани. Ќе треба да бидеме сите заедно, меѓусебно да се солидаризираме, истакна Нуредини.
Се осврна на одвојувањето на цените на електричната енергија од цената на гасот, нешто за кое рече дека требало да биде сторено порано, односно ЕУ доцни со оваа одлука.
-Она што се трудиме е како и ние да се одвоиме од тоа. Бидејќи она што го правиме сега е да плаќаме 600 евра за нешто што потенцијално би можело да биде произведено во нашата земја или можеби во регионот и ја плаќаме оваа дополнителна цена, не би рекол такса бидејќи има негативна конотација. Ние сакаме, се надеваме дека Брисел ќе донесе методологија која би можела да се имплементира и да се употреби во Северна Македонија, истакна Нуредини.
Објасни дека малите и средните компанија кај нас не можат да ја плаќаат централно диктирани цени, бидејќи многу брзо, поради високите цени на струјата ќе се затворат.
Во однос на активностите на Северна Македонија, како клучен проект ја спомена изградбата на хидроцентралата „Чебрене“, изразувајќи надеж дека овој пат ќе успее со оглед на тоа дека досега имаше 13 неуспешни обиди.
На панел дискусијата посветена на енергетската безбедност во регионот, заедно со министерот Нуредини, учествуваа министерката за инфраструктура и енергија на Албанија, министерката за економија на Косово и заменик помошниот секретар за енергетика на САД, а министерот за животна средина и енергија на Грција како и вицепремиерката и министерката за енергија на Србија упатија видео пораки.
Форумот е организиран од американско- грчката стопанска комора и Грчката асоцијација за енергетска економија во соработка со амбасадата на САД во Грција и во стратешко партнерство со Атлантскиот совет и Глобалниот енергетски институт на Стопанската комора на САД, а се одржува, како и секоја година, еден ден пред официјалното отворање на Меѓународниот саем во Солун.