На маргините на Европскиот самит во Прага министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини оствари повеќе средби на кои дискутираше за улогата и поврзаноста на зелениот и дигиталниот развој, можностите за паралелен развој на зелените и дигиталните трансформации и можностите Европа да има глобална лидерска улога во двојните трансформации, соопштија од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Од МЖСПП информираа дека Ниредини остварил средби со Иван Бартош заменикминистер за дигитализација и министер за регионален развој на Чешката Република, Лилјана Павлова заменик претседател на Европската инвестициона банка и д-р Емилија Стојменова Дух, министер за дигитална трансформација на Република Словенија.

– Се разменија информации и за расположивоста на различни европски финансиски инструменти во областа на урбаната мобилност и олеснување на пристапот до финансии за иновативни бизниси, градови и други сродни субјекти во Европа, додадоа од МЖСПП.

Министерот Нурeдини оствари средба и со Јан Душик, заменик-министер задолжен за Директоратот за заштита на климата во Министерството за животна средина на Чешка Република на која разговараа за политиките за климатски промени, за потребата од развивање на законодавниот пакет што ќе овозможи постигнување на климатските цели до 2030 година, за декарбонизација, цената на јаглеродот, правичната транзиција и слично.