Независната угостителска комора (НУК), денеска, по олабавувањето на анти-ковид мерки, реагира дека „дозволата за организација на прослави, веселби и свадби согласно протоколи, наместо да влијае позитивно, ќе предизвика хаос во работењето и новото секојдневие“. Од НУК бараат музичарите да се вратат во кафулињата и другите објекти, а да не биде пропишано дека музичари се дозволени само на свадби. Од НУК тврдат и дека мора да се зголеми горната граница на ограничувањето на децибелите музика во објектите.
„Безвредна е препораката да се дозволи организирање на свадби, прослави, веселби на отворен простор/летни тераси до максимум 100 лица ако присуство на музичари е дозволено само при организирање на свадби, а согласно соодветен протокол. За какви веселби и прослави дискутираме односно какви протоколи Комисијата за заразни болести предлага ако присуството на т.н. музичари и понатаму е „забрането” односно „дозволено” само на свадби. Да не се чудиме ако од утре во секој угостителски објект гледаме младоженци односно сите угостителски објекти преку ноќ организираат свадби со присуство на музичари“, стои во денешното соопштение од НУК.