Грција ќе им овозможи на луѓето кои се целосно вакцинирани против коронавирусот да одат во рестораните без маска, објави денеска грчката влада, во обид да се зголеми стапката на вакцинација.
-Првата цел е да се олесни проектот за вакцинација. Да се донесат што е можно повеќе луѓе (во центрите за вакцинација) – рече грчкиот министер без ресор Џорџ Герапетритис, пренесува Ројтерс.
Луѓето кои не се целосно вакцинирани, сепак можат да влезат во ресторани, театри и кина, но ќе мора да покажат негативен брз тест, соопштија властите.
Од 15-ти јули, како што беше најавено, за прв пат ќе се дозволи присуство на вакцинирани гледачи на спортски настани, но тие ќе мора да носат маски.
Носењето маски сепак ќе биде потребно во кината и театрите.
Досега повеќе од 30,2 проценти од грчката популација се целосно вакцинирани, а 43,1 процент примиле барем една доза.
Грчката влада претходно објави дека ќе им понуди на младите парична картичка во износ од 150 евра доколку бидат вакцинирани.
Грција неодамна ги намали ограничувањата по намалувањето на бројот на лица заразени со ковид-19, но загриженоста за делта сојот се зголеми во последните неколку дена.
Маските за лице беа задолжителни во Грција на сите затворени јавни простори.