Истражувачите навеле дека нивните лабораториски експерименти ги потврдиле долгорочните шпекулации дека ајкулите ги користат магнетните полиња за помош со навигацијата, односно како еден вид природен „GPS“. Такво однесување е забележано и кај други морски животни, како што се морските желки.

Студијата, објавена овој месец во списанието „Current Biology“, дава одговор и на прашањето зошто ајкулите можат да патуваат на долги растојанија и да го најдат својот пат за назад, вели еден од авторите Брајан Келер.

Знаеме дека ајкулите можат да реагираат на магнетни полиња. Не знаевме дека сфатиле дека можат да ги користат како помагало за навигација. Постојат ајкули кои можат да поминат 20.000 километри и да се вратат на истото место од каде што тргнале“, рече Келер.

unsplash

Тоа прашање со години беше интрига за истражувачите бидејќи ајкулите додека поминуваат низ океанот наидуваат на малку специфични обележја како што се коралите.

Барајќи одговори, научниците од Државниот универзитет во Флорида одлучиле да проучуваат ајкули од видот „Sphyrnidae“ – вид што живее на двата американски брега и секоја година се враќа на истите утоки.

Истражувачите изложиле 20 ајкули на магнетни услови кои симулирале локации оддалечени стотици милји од местото каде што биле фатени во близина на Флорида. Научниците откриле дека ајкулите почнале да пливаат на север кога, врз основа на магнетни сигнали, заклучиле дека се наоѓаат јужно од местото каде што треба да бидат.

unsplash

Научникот Роберт Хатер, кој не учествувал во истражувањето, вели дека ова откритие е убедливо и додава дека е потребна понатамошна студија за да се утврди како ајкулите користат магнетните полиња за да ја утврдат нивната локација и дали и поголемите ајкули кои патуваат на долги растојанија користат сличен систем.

Научниците велат дека потпирањето на магнетните полиња на Земјата, откриено кај ригестата ајкула-чекан веројатно постои и кај други видови ајкули, како што е големата бела ајкула, која патува прекуокеански.

Келер вели дека навистина се многу мали шансите само ригестите ајкула-чекан да имаат развиено чувствителност на магнетни полиња, а другите ајкули кои поминуваат на големи растојанија да не ја имаат таа способност.

Келер додава дека истражувањето би можело да помогне во напорите за зачувување на видовите ајкули чиј број постојано се намалува. Овогодинешното истражување покажа дека бројот на ајкули во океаните се намалил за повеќе од 70 проценти од 1970 до 2018 година.