Европската Комисија (ЕК) денеска условно одобри спојување на италијанско-американскиот автомобилски гигант „Фиат Крајслер” со француската ПСА, матичната компанија на „Пежо”, „Ситроен” и „Опел”, во вредност од 38 милијарди американски долари.

– Може да го одобриме спојувањето на „Фиат Крајслер” и „Пежо СА”, бидејќи нивните обврски ќе го олеснат пристапот на пазарот на малите комерцијални комбиња и нивното проширување, се наведува во соопштението на заменик-претседателката на ЕК, Маргрет Вестагер.

Овој пристап е важен за самовработените и за малите и средни претпријатија низ цела Европа, нагласи Вестагер.

Француската компанија со тоа ќе го продолжи договорот со „Тојота” во овој сегмент, ќе го зголеми нејзиниот капацитет и ќе ги намали цените за трансфер на возила, на резервни делови и на опрема.

„Фиат Крајслер” и „Пежо СА”, исто така, ќе овозможат на конкурентите пристап до мрежата за поправка и одржување за да им помогнат на новите компании да се прошират на пазарот.

Спојувањето се очекува да заврши во првите месеци од 2021 година, создавајќи ја четвртата по големина автомобилска групација во светот, по „Фолксваген”, „Рено-Нисан-Мицубиши” и „Тојота”.