Во Санта Фе денеска започнува големо судење против компанијата Мета, второ вакво оваа година, по обвиненија дека свесно им овозможила на предатори да ги користат „Фејсбук“ и „Инстаграм“ за сексуална експлоатација на деца, ставајќи го профитот пред безбедноста. Тужбата ја поднесе државата Ново Мексико, по истрага која утврдила сериозни пропусти во заштитата на малолетниците, пишува Гардијан.
Главниот државен обвинител Раул Торез тврди дека платформите на Мета создале опасна средина за деца, изложувајќи ги на злоупотреби, уцени и трговија со луѓе. Според тужбата, дизајнот и деловните модели на компанијата го фаворизирале ангажманот на корисници, а не безбедноста. Торез претходно изјави дека Мета е „најголемото глобално пазариште за предатори и педофили“.
Мета ги отфрла обвинувањата, наведувајќи дека со години соработува со експерти и вовела мерки за заштита на младите, како тинејџерски профили и родителски контроли.
На судењето се очекува изнесување докази од тајна полициска операција, интерни документи според кои околу 100.000 деца дневно доживуваат сексуално вознемирување на платформите, како и наводи дека компанијата профитирала од реклами поврзани со проблематична содржина. Случајот доаѓа во време кога сè повеќе судови ја преиспитуваат правната заштита на технолошките компании според таканаречениот Оддел 230.
Текстот Ново Мексико ја тужи Мета: „Профитот пред безбедноста на децата“ е превземен од МАКФАКС.






















