Цената на дизел горивото од ноќеска на полноќ се зголемува за 8,5 денари за литар, а бензините поскапуваат за 3,5 денари, одлучи доцна вечерва Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ). Со оваа одлука се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 6,88 отсто.
Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 93 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава за 95, а ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) за 94 денари за литар.
Со одлуката на РКЕ за 6,50 денари за литар се зголемува малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) и ќе изнесува 90 денари. Мазутот М-1 НС, пак, поскапува за 4,846 денари за килограм и ќе се продава за 59,165 денари.
Како причина за зголемувањето на малопродажните цени на нафтените деривати од РКЕ ги посочуваат зголемените референтни цени на нафтените деривати на светскиот пазар кај бензинот во просек за 8,971 отсто и кај дизелот за 16,811 отсто, како и за околу 1,078 отсто повисокиот курс на доларот во однос на денарот.
РКЕ уште во понеделникот соопшти дека цените ќњ се формираат на дневно ниво, наместо на неделно. Владата денеска донесе одлука да ги намали акцизите и ДДВ за горивата, но оваа одлука треба да биде изгласана во Собранието.