Пандемијата на „ковид-19“ предизвикува сé поголем број жртви ширум светот, а новиот црн рекорд е повеќе од 18 000 смртни случаи во изминатите 24 часа, додека соевите на многу позаразниот коронавирус, се шират незапирливо во нови земји.
Во трката за вакцина, што е надеж во здравствена криза која продолжува да се влошува, еден од производителите, британската компанија АстраЗенека, денеска беше во центарот на тензиите со ЕУ.

Ситуацијата се влошува од ден на ден: вкупниот број на официјално пријавени случаи на инфекција во светот надмина 100 милиони, а Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека продолжуваат да се шират новите соеви на коронавирус. Британскиот сој се проширил во 70 земји, а јужноафриканскиот во 31 земја.

За прв пат од избувнувањето на пандемијата, денес се регистрирани 18.109 смртни случаи ширум светот, според податоците собрани денеска од АФП, врз основа на извештаите од здравствените власти.

Овој број го потврдува трендот забележан на почетокот на јануари: нагло зголемување на смртноста, побрзо поместување на дневниот биланс на жртви и израмнување на кривата на постојано зголемување (во просек 14.000 смртни случаи на 22 јануари, од 10.000 на крајот на ноември). Во светот, 2,16 милиони луѓе починале од ковид-19.

Во Велика Британија, првата европска земја што ја надмина границата на смртност од 100.000 лица, владата објави дека луѓето со постојан престој во Велика Британија кои доаѓаат од ризични земји ќе мора да одат во карантин во хотел.

Одлуката опфаќа патници од 22 земји каде соевите на вирусот се ризик за јавното здравје, како што се Јужна Африка, Португалија и земјите од Јужна Америка. Пристигнувањата од овие земји се веќе забранети за нерезидентите во Велика Британија.

Овие патници ќе бидат примени на аеродромот и „веднаш однесени“ во хотел, рече премиерот Борис Џонсон. Конзервативниот лидер беше на удар на критики за потценувањето на размерот на кризата.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.