До крајот на месецов или на почетокот на декември Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ќе ги знае цените за струјата кои се во нејзина надлежност. Барањата на компаниите се веќе доставени до РКЕ.
„Компаниите ги доставија барањата уште во текот на октомври. МЕПСО побара некое минимално зголемување од 0,67% за пренос на електрична енергија, операторот на пазарот не ни побара зголемување, а Електродистрибуција нема наведено во своето барање имајќи предвид дека во текот на овој месец ќе има тендер за набавка на загубите на електрична енергија кои што имаат исклучително големо влијание на цената на електрична енергија. Кон крајот на овој месец, почетокот на следниот ќе ги знаеме цените коишто ги определува РКЕ, тоа е за пренос и за дистрибуција на електрична енергија и тука не верувам дека ќе има какви било поместувања, а понатака по завршувањето на тендерот за универзалниот снабдувач согласно новиот Закон за енергетика ЕВХ Хоум ќе ја соопшти новата цена за домаќинствата и за малите потрошувачи“, вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски.
Во периодот што следи, кога потрошувачката електрична енергија се зголемува, директорот на МЕПСО Александар Пауновски вели дека граѓаните можат да бидат спокојни по прашањето за големи испади.
„Имаме голем број активни проекти кои што во моментов се реализираат, еден од нив е 110 киловолтниот далновод Прилеп-Битола. Исто така во тек е продолжување на договорот за реализација на интерконекцијата помеѓу Македонија и Албанија и секако во исто време го очекуваме и реакторот за реактивна енергија кој што би требало да се инсталира во 400-киловолтната трафостаница Дуброво со кој што би се довеле во нормални граници напонските прилики во нашата држава“, вели директорот Пауновски.
Покрај тековните проекти, Пауновски кажа дека имаат аплицирано за голем број грантови преку механизмот за инвестирање на Западен Балкан за надградбата и инвестирањето во преносната мрежа со цел да овозможат непрекинато снабдување на граѓаните со електрична енергија.
Текстот Новите цени на струјата од РКЕ ќе се знаат на почеток на декември: МЕПСО бара поскапување од 0,67 % е превземен од МАКФАКС.























