Aгенцијата за храна и лекови на САД (ФДА) го предупреди медицинскиот и лабораторискиот персонал дека генетските мутации во коронавирусот, вклучително и варијантата Б.1.1.7 откриена во Велика Британија, може да доведат до лажно негативни резултати од молекуларен тест (ПЦР) при тестирања за ковид-19.

ФДА ги повика внимателно да ги разгледаат ваквите резултати во комбинација со клинички опсервации и да го повторат тестирањето, но со поинаков тест доколку се уште постои сомневање за ковид-19.

Лажен негативен резултат може да се појави со кој било ПЦР-тест ако мутацијата се случила во дел од неговиот геном за кој тестот испитува, предупредува ФДА, додавајќи дека, сепак, ризикот од тоа таквите мутации да влијаат на целокупната точност на тестот е мал.

Агенцијата забележа дека анализата открила дека резултатите од трите тестови за коронавирус одобрени за итна употреба во САД може да бидат погодени од генетски мутации на коронавирусот, но се чини дека тоа влијание не е од големо значење.

Заразната варијанта на ковид-19 што ја погоди Велика Британија е забележана во најмалку пет држави во САД, објави минатата недела директорот на Националниот здравствен институт, Френсис Колинс, а научниците во петокот рекоа дека новоразвиената вакцина треба да биде исто толку ефикасна и против новата варијанта на коронавирус.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.