Американскиот претседател Доналд Трамп го назначи Шон Куран за нов директор на американската тајна служба. Во објава на својата социјална мрежа „Трут соушал“, Трамп рече дека Куран е голем патриот кој го штител неговото семејство во последните неколку години.

Тој служеше како специјален агент задолжен за безбедноста на Трамп четири години. Скокна на сцената за да го заштити со своето тело за време на првиот обид за атентат на 13 јули во Батлер. Додека раководеше со обезбедувањето на Трамп, надгледуваше 85 луѓе.

„Тој ја докажа својата храброст кога го ризикуваше сопствениот живот за да помогне да се спаси мојот од куршум на атентатор во Батлер, Пенсилванија“, напиша Трамп. Куран се приклучи на Тајната служба во септември 2001 година.

Тајната служба, која е одговорна за заштита на сегашните и поранешните претседатели на САД, се соочи со криза откако вооружен маж успеа да го застрела Трамп од покривот на митинг на отворено во Батлер. Трамп беше погоден од куршум во десното уво, а еден учесник на митингот беше убиен во престрелката.

Напаѓачот, идентификуван како 20-годишниот Томас Крукс, на крајот бил убиен од снајперист на Тајната служба.