Бугарскиот премиер Кирил Петков по средбата во Брисел со претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека Софија треба да ја надгради својата позиција кон Скопје со работни групи, што не треба да биде политички чин, туку реален. Според премиерот на Бугарија, позицијата кон Северна Македонија е јасна и е втемелена во коалицискиот договор.
– Историјата е важна, но не може да биде единствена тема во билатералните односи. Интересот на Бугарија мора да се заштити, но и да се надгради. Треба да разговараме за инфраструктурата – железничката пруга од Софија со Скопје мора конечно да се случи. Во економска смисла – добро е што македонските бизниси можат да продаваат на бугарскиот пазар и, соодветно, бугарските бизниси да бидат на македонскиот пазар, изјави Петков.
Според него, сите на Балканот се заградени, поделени, а толку многу може да се добие од таков процес. Кирил Петков додаде дека сака да се сретне со идниот премиер на Република Северна Македонија по неговата инаугурација. Најави дека Бугарија че го разгледа и повторно ќе го поднесе Планот за закрепнување и развој до ЕК.
Освен со Урсула фон дер Лајен, бугарската владина делегација се сретна и со потрпретседателот на ЕК и еврокомесарот за трговија Валдис Домбровкис.