Основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Ислам Абази денеска оствари средба со НЕ Фатос Река, амбасадор на Република Албанија во земјава.

Амбасадорот му го честиташе изборот на обвинителот Абази и му посака успешно раководење со обвинителството. На средбата беше истакната заложбата за продлабочување на соработката во областа на борба против тероризмот, корупцијата, економскиот и компјутерскиот криминал, како и меѓународниот организиран криминал.

Абази на амбасадорот му ги презентираше условите за работа и предизвиците со кои се соочува Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и ја истакна потребата за понатамошно унапредување на институционалната соработка меѓу двете земји.

Воедно, на средбата Неговата екселенција изрази задоволство за досегашната соработка помеѓу органите на прогонот и се заблагодари за несебичната размена на доказите што беа од исклучително значење за албанското обвинителство во предметот „Икона“.

За потсетување, се работи за акција што албанската полиција ја реализира на почетокот на октомври 2013 година кога беа запленети 1.077 икони, артефакти, бронзени и други предмети, што потекнуваат од средниот век. Меѓу запленетите икони беше утврдено дека 21 икона потекнуваат од македонските цркви и манастири. Доказите за извршените кражби на македонските културни добра, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со поддршка на Германската канцеларија за меѓународна помош ги достави до албанското обвинителство.

По завршената тамошна постапка и деветгодишни административни преговори, минатата недела владите на двете земји се договорија по ратификација на Договорот иконите да бидат вратени во РСМ.