Состојбата со тековните и планираните реформски чекори во судството, заштитата на основните човекови права, вклучително и слободата на медиумите, како и борбата против корупцијата и организираниот криминал, биле теми на разговор на денешната средба на министерот за правда Никола Тупанчески со шефот на делегацијата на ЕУ во земјава, Дејвид Гир.
Тупанчески, како што соопшти Министерството за правда, ги презентираше и следните чекори и приоритети на ова Министерство во однос на владеењето на правото, почнувајќи со функционален преглед на правосудниот сектор, зајакнувањето на капацитетите на правосудниот систем, борбата против организираниот криминал и корупцијата, најавувајќи подготовка на нова Стратегија за реформа во правосудниот систем 2023-2027.
-Свесни сме дека новата методологија дополнително ја нагласува важноста на реформите на владеењето на правото за процесот на пристапување и подготвени сме да продолжиме со важни чекори на тој пат, рече министерот Тупанчески.
Шефот на делегацијата на ЕУ, Гир го потврди напредокот во Извештајот на Европската Комисија за земјава и потенцираше дека сме на добар пат во постигнување на целта за градење на професионално и независно судство.
Гир ја истакна важноста на спроведените активности во изминатиот период во полето на подобрување на нормативно-правната рамка, но и дека мора да се посветиме на обезбедување на квалитетна имплементација на овие закони, со цел гарантирање на независно и ефикасно судство, како и промена на перцепцијата кај граѓаните за македонскиот правосуден систем.
Делегацијата на ЕУ предводена од евроамбасадорот Гир ги поздрави реформските чекори и ја истакна максималната поддршка за евроинтеграцискиот процес, продолжување на соработката и обезбедување помош за спроведување на клучната реформска агенда, стои во соопштението