Новиот градоначалник на Бања Лука, Драшко Станивуковиќ, кој вo четвртокот официјално ја презеде функцијата, нареди сите клучеви од над 50 службени автомобили да бидат вратени во просториите на канцеларијата на градоначалникот и на Инстаграм објави фотографија со работната маса полна со клучеви.
„Никој нема веќе право да користи службени автомобили за приватни цели. Над 70 отсто од службените автомобили не беа на паркингот пред градската администрација по работното време. Ќе донесеме одлука сите службени автомобили да бидат обележани и ќе подготвиме нов правилник за нивна употреба“, порача градоначалникот.
Тој додаде дека има и автомобили во вредност од околу 50.000 евра кои ќе се продаваат затоа што има повеќе приоритетни работи за граѓаните на Бања Лука. Станивуковиќ посочи дека расипничкото однесување мора да се запре.