Новиот албум на македонскиот виртуоз на пијаното со светско реноме, Симон Трпчески е оценет како „Вонсериско издание“ пишува „Сандеј Tајмс“ кој воедно го смести и како албум на неделата.
Од денес официјално излегува најновиот албум на Трпчески во издание на „Лин Рекордс“ во соработка со „Јаначек“ филхармонискиот оркестар од Острава, Чешка и прославениот диригент Кристијан Мачелару од Романија, изведуваат програма со дела од Шостакович.
„Станува збор за еден производ од оваа пандемија што јас го иницирав за да бидам продуктивен кога веќе немав концерти. Заедно со „Лин Рекордс“, Јаначек филхармонискиот оркестар од Острава и романскиот диригент Кристијан Мачелару, кој е шеф-диригент на Националниот оркестар на Франција, како и првиот трубач на овој оркестар – Андреј Кавалински од Белорусија, на моја иницијатива успеавме да организираме снимање на двата пијано концерти на Дмитри Шостакович, како и на Второто трио за виолина, виолончело и пијано, со моите драги колеги од проектот МАКЕДОНИСИМО – Александар Краповски и Александар Сомов. Овој избор е еден опис на различните творечки периоди од животот на Шостакович, а кои сведочат за неговата креативност и оригиналност. Мило ми е што уште и пред официјалното денешно излегување пред пошироката публика ова ЦД доби прекрасни критики“, истакана Трпчески во изјавата за Македонското радио.