Новинарските организации предупредуваат на опасноста од враќањето на владините реклами во медиумите како во времето на режимот на Никола Груевски.
ЗНМ, ССНМ, МИМ и СЕММ сметаат дека јавните кампањи во медиумите треба да бидат бесплатни за се спречи можноста власта со јавни пари да врши поткупува медиуми.
„Преку овој систем се изигруваше јавниот интерес кој често беше на штета на граѓаните, а во полза на политичките партии што беа на власт. Во најголем дел од земјите од европскиот континент јавните соопштенија поврзани со теми за кои се цени дека се важни за животот на граѓаните се бесплатни, а кај медиумите, вклучувајќи го и јавниот сервис, треба да има свест за општествена одговорност да објавуваат ваков тип на содржина.“, велат од ЗНМ, ССНМ, МИМ, СЕММ.
Тие сметаат дека ако Владата сака да им помогне на медиумите во време на пандемија, може да ги намали давачките-даноци, концесиите и придонесите.
На ист став се и медиумските експерти. Снежана Трпевска од Институтот за комуникациски студии предупредува дека секогаш кога јавни пари влегуваат во приватни медиуми се поставува прашањето како тоа ќе влијае врз независноста на медиумите.
„Тогаш, ако се сеќавате, до 2016 година и ЕК редовно предупредуваше дека државното огласување, значи тие кампањи од јавен интерес со буџетски пари, од една страна ја загрозуваат независноста на уредувачката политика, а од друга страна се непотребна, лоша интервенција на медиумскиот пазар, бидејќи доминантно медиумскиот пазар треба да функционира врз база на огласување, комерцијални огласи“, вели Трпевска за ТВ24 .
Македонската медиумска асоцијација на национални терестријални телевизии веќе даде поддршка на Владата за законските измени за државни кампањи од јавен интерес.