Грција планира да го укине еднонеделниот карантин за туристите од Европската унија доколку имаат негативен тест за PCR за коронавирус или се целосно вакцинирани.
Владиниот план треба да биде одобрен од епидемиолозите во петок, објави весникот „Катимерини“.
Патниците мора да бидат целосно вакцинирани или да имаат негативен тест за PCR, а некои патници, по случаен избор, ќе бидат тестирани.
Во земјата, туристите ќе мора да се придржуваат до епидемиолошките мерки, вклучително и задолжителното носење маски на отворено.
Атина првично планираше да го објави почетокот на туристичката сезона на 14 мај, а потоа да го укине задолжителниот карантин.
Карантинот ќе биде укинат и за патниците од Израел, САД, Велика Британија, Србија и од Обединетите Арапски Емирати.
Грчките вирусолози сметаат дека бројот на случаи на инфекција со коронавирус ќе продолжи да опаѓа во наредните недели.
Грчките власти забележале 3.089 нови случаи во последните 24 часа, што е скоро илјада помалку од претходниот ден.