Поради обилните снежни врнежи, околу 35.000 потрошувачи на подрачјето на Марибор и повеќе од 6.000 на подрачјето на Цеље останаа без електрична енергија.
Мокри и лизгави патишта, завеани тротоари и соборени дрвја предизвикуваат проблеми од Словенске Коњице до Марибор, Птуј и Горња Радгона. Екипите на компанијата „Електро Марибор“ се на терен.
Патиштата се мокри и лизгави и во Штајерска, а возачите пријавуваат бројни делници каде што водата се задржува на коловозот. Сообраќајот се одвива побавно од вообичаено, а потребна е зголемена внимателност, пренесе „Б92“.
Надлежните ги предупредуваат возачите да ја прилагодат брзината на условите на патот, да го зголемат безбедносното растојание и да тргнуваат на пат само ако тоа е неопходно. Поради најавените ниски температури постои можност за појава на голомразица, особено на изложените делови од патиштата и мостовите.
Најголеми проблеми предизвикува прекинот на електричната енергија. На поширокото подрачје од Словенске Коњице кон Марибор, Птуј и Горња Радгона дел од дистрибутивната мрежа е во прекин. Според податоците на компанијата „Електро Марибор“, без напојување се околу 35.000 корисници.
Од компанијата соопштија дека сите расположливи екипи се на терен. Проблемите пред сè ги предизвикува тежината на влажниот снег, поради што се кршат гранки и паѓаат дрвја кои ги оштетуваат далекуводите. Интервенциите се сложени, бидејќи екипите мора да работат внимателно, а пристапот до одредени локации на дефекти е отежнат поради временските услови.
Корисниците се замолуваат за разбирање и трпение. Обновата на снабдувањето со електрична енергија ќе се одвива постепено, во зависност од сложеноста на поединечните интервенции.
Според информациите, дел од Марибор останал и без вода. Причината, наводно, е прекин на електричната енергија во Камница, поради што пумпната станица „Врбански плато“ не работи.
Текстот Нови снежни врнежи ја парализираа Словенија: 35.000 корисници без струја, делови од Марибор и без вода е превземен од МАКФАКС.























