Со 35 милиони евра, пари од Европската Унија ќе се обучува администрацијата како да го подобри трошењето на јавните пари. Планот е да бидат обучени административци на централно и на локално ниво. Евроамбасадорот Дејвид Гир е свесен дека реформите во управувањето со јавните финансии нема да биде лесен чекор во Македонија, но потсетува дека тоа е еден од условите на Унијата за земјава да стане дел од европското друштво. Властите од земјава пак, велат дека работат на зацврстување на системот на трошењето на јавните пари.
„Оваа академија ќе овозможи постојани обуки во рамките на министерствата сè со цел да креираме модерна администрација којашто ќе може да испорачува брзи и квалитетни услуги на граѓаните и на бизнисите“, рече Фатмир Бесими министер за финансии.
– Advertisement –
И додека министерот Бесими му ветуваше на евроамбасадорот дека со нивната донација ќе го затегнат обрачот околу народните пари, невладиниот сектор денеска објави и најнов извештај со поразителни податоци. Од јануари до јуни во четири очи се склучиле договори вредни 11 милиони евра, што е повеќе во споредба со минатото.
„Овие податоци говорат за раст на бројот на договори (во четири очи) за 161% и тоа од 178 во првото полугодие од 2019 година, на 464 склучени договори во 2020 година…“, наведуваат од Центарот за граѓански комуникации.
Инаку, во последниве неколку години од Министерството за финансии објавуваа серија на мерки, алатки и проекти за подобрување на транспарентноста во трошењето на јавните пари. Дека има големи пропусти во системот сведочи последната афера на Илинденска, со набавката на софтверот за во МВР од страна на тогашниот генералниот секретар на владата Драги Рашковски, но тој не ѝ требал на ниту една институција.
Иле Петревски