Славниот холивудски режисер Роб Рајнер и неговата сопруга Мишел Сингер се пронајдени мртви во нивниот дом во Лос Анџелес, а нивниот син Ник Рајнер е уапсен, соопштија американските власти.
Според полициски извори, 78-годишниот Рајнер и неговата 68-годишна сопруга биле избодени до смрт во домот во населбата Брентвуд, пренесува Еј-Би-Си Њуз. Полицијата била повикана на местото на настанот во 15:40 часот по локално време, а случајот се води како убиство.
Нивниот 32-годишен син Ник Рајнер е уапсен и задржан со кауција од 4 милиони долари, соопшти канцеларијата на шерифот на округот Лос Анџелес. Засега не се објавени деталите за обвиненијата.
„Со длабока тага ја објавуваме трагичната смрт на Мишел и Роб Рајнер. Скршени сме од овој ненадеен губиток и молиме за приватност“, соопшти семејството.
Соседи изјавиле дека пред куќата по пристигнувањето на полицијата биле забележани и актерите Били Кристал и Лери Дејвид.
Во интервју за списанието Пипл од 2016 година, Ник Рајнер јавно зборувал за својата долгогодишна борба со зависност од дрога, која започнала во тинејџерските години и довела до период во кој живеел како бездомник. Подоцна изјавил дека таа животна фаза била инспирација за полуавтобиографскиот филм „Being Charlie“, чиј коавтор е.
Роб Рајнер, роден во 1947 година во Њујорк, ја започнал кариерата како актер, а светска слава стекнал како режисер на култни филмови како „Остани со мене“, „Принцезата невеста“, „Кога Хари ја запозна Сали“, „Мизери“. Во текот на кариерата бил повеќекратно номиниран за Златен глобус.
Текстот Нови детали за убиството на режисерот Роб Рајнер и сопругата: синот уапсен, истрагата во тек е превземен од МАКФАКС.























