Хамас нешто пред 19 часот објави дека истрелале нови 130 ракети кон Израел , односно кон Тел Авив и другите градови.
Велат дека тоа е одмазда за нападот и уривањето на облакодерот ал-Шурук во Газа и за убиството на важен командант на Хамас и други членови на таа организација.
Исламистичкиот Џихат се закани со нови ракетирања во 21 часот по локално време (20 часот по средноевропско време).
„Тајмс оф Израел“ објави дека 6-годишно момче е во критична состојба во Сдерот, израелскиот град најблиску до Газа, откако ракета погодила станбена зграда.Мајката на момчето е сериозно повредена, а уште четворица биле повредени.
Полицијата соопштила дека 14 локации во Ашкелон биле погодени од ракети.Израелските медиуми јавуваат дека армијата се подготвува за нови ракетни напади врз Тел Авив.
Израелските вооружени сили објавија дека еден од нивните авиони бомбардира палестинска група исламисти додека се подготвувале да лансираат ракети кон Израел од централниот појас Газа.
Хамас издаде соопштение во кое се потврдува смртта на командантот и „другите водачи и свети воини“, а водачот на тоа палестинско движење, Исмаил Ханијех, предупреди дека „конфликтот со непријателот е отворен“.
Израел порано денеска објави дека убиле 16 припадници на вооруженото крило Хамас во Газа, на што палестинските милитанти сега одговорија со нови ракетирања на Израел, а Вашингтон испраќа пратеник да се обиде да ги смири најжестоките судири во последните неколку години.
Најмалку 56 лица се убиени во Газа од понеделникот кога ескалира ситуацијата, објави Министерството за здравство на појасот Газа.
Шест лица се убиени во Израел, соопштиле израелските здравствени власти.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху објави дека меѓу убиените палестински милитанти има и бригаден генерал на Хамас за градот Газа. „Ова е само почеток. Ќе ги гаѓаме како што тие не ни сонуваа дека е можно“, рече тој.
Палестински извор вели дека мировните напори на Египет, Катар и ООН не постигнале напредок кон ставање крај на насилството што избувна оваа недела, по тензиите за време на Рамазан и конфликтот во источен Ерусалим.
Опишувајќи ги сцените на уништување како „мачни“, американскиот државен секретар Антони Блинкен рече дека САД ќе го испратат дипломатот Хади Амр да ги повика Израелците и Палестинците да ги смират тензиите.
Шефот на Пентагон Лојд Остин ја потврди „цврстата поддршка на легитимното право на Израел за одбрана“.Израелскиот министер за одбрана Бени Ганц изјави дека Израел ќе продолжи да ги таргетира позициите на Хамас за да го врати трајниот мир, се вели во изјавата по разговорот со Остин.
Актуелниот конфликт е најлош од војната во Појасот Газа во 2014 година, и постои зголемена загриженост дека ситуацијата може да ескалира уште повеќе и да доведе до нова војна.