Од денеска започна да важи новата цената на електричната енергија. Но сега се отвора прашањето, дали пратениците навремено ќе ги донесат измените на Законот за ДДВ за да не се почувствува зголемената цена на струјата за 12 отсто. Законското решение за намалување на ДДВ-то е на почеток на собраниските процедури. Од ВМРО ДПМНЕ велат дека нема да го блокираат носењето на овој закон. Намаленото ДДВ- според текстот на законот ќе почне да важи на денот на стапување во сила на новиот закон. Што значи дека доколку се донесе на 15-ти овој месец, половина сметка ќе биде пресметана со 18, а другата половина со пет отсто ДДВ.

Advertisements

„Со денот на влегувањето во сила на измените и дополнувањата од Законот за данокот на додадена вредност се пропишува одредба за примена на повластена даночна стапка од 5% за електрична енергија“, стои во Законот за данок на додадена вредност.

Инаку, предлог измените на законот владата ги достави до собранието по скратена постапка. Тоа значи дека измените треба да се дебатираат најмногу три дена на комисијата за финансирање и буџет, а потоа ќе следи расправа на пленарна седница каде пратениците ќе треба да гласаат за новиот закон за ДДВ.
Активистите кои со години протестираат против зголемувањето на цените на енергенсите тврдат дека намалувањето на ДДВ-то на струјата е чиста манипулација од страна на властите. Доколку не беше изборна година граѓаните ќе си плаќаа сериозно повисоки сметки за струја, а тоа ги очекува догодина.

„Можеби граѓаните сега имаат среќа што сега се изборите па нема да ја почувствуваат повисоката цена што требаше да се донесе, па тоа сега ќе се одложи тактички за догодина или за годината после тоа. Ова ќе биде вовед во една економска криза, мислам дека и инфлацијата доста ќе се зголеми, а особено сега со ковид кризата“, вели Марјан Ненов, „Но пасеран“.

Регулаторната комисија за енергетика вчера соопшти дека струјата ќе поскапи за 12 отсто и тоа со прифатени минимални трошоци на енергетските компании.

Иле Петревски