Државата и граѓаните донесоа тешки одлуки и направија компромиси за да бидат дел од НАТО, а денес се пред нов предизвик со евроинтеграцискиот процес, забележа денеска американската амбасадорка во земјата Анџела Прајс Агелер на отворањето на меѓународната конференција „Објективот на младите за мир и помирување“ што се одржува во Охрид во организација на Младински сојуз – Крушево, а со поддршка од Амбасадата на САД.

Агелер, која на функцијата е само осум дена, а во државата претстојувала од 2011 до 2013 година, нагласи дека граѓаните направиле повеќе од доволно за да ги отворат преговарачките процеси.

– Ако некој ми кажеше во 2013 година дека оваа земја ќе го смени своето име за да стане најновата членка на НАТО, јас ќе речев ова не е возможно. Ама го сменивте. И денес за вашата иднина и иднината на вашата генерација имате нов предизвик, а тоа е ЕУ интеграцијата. Оваа земја и овие граѓани направија повеќе од доволното за да ги отворат преговарачките процеси. Влегувањето во ЕУ ќе ја направат по просперитетна и по стабилна оваа земја, рече Агелер.

Според неа, младите во Западен Балкан се соочуваат со големи предизвици, но имаат моќ да ја подобрат состојбата во својата држава и да ги надминат предизвиците. Охрабрувајќи ги учесниците на конференцијата, посочи дека младите се интегрален дел, кој може да го направи регионот отпорен и демократски со владеење на правото.

– Морам да ве охрабрам да станете новите лидери што ќе ја креираат иднината што вие ја сакате за вашите заедници. За разлика од постарите генерации вие гледате со надеж кон иднината затоа што вие можете да контролирате кон просперитет и стабилност во регинот заради сите различности што ги има кај сите. Бидете храбри, самоуверени и имајте надеж, и дајте го својот потенцијал да го подобрите вашиот живот и животот на другите што живеат во вашите земји, рече Агелер.

Нина Јованоска од Младински сојуз – Крушево смета дека младите не се инертни од она што се случува на регионално, но и европско и светско ниво.

– Нас младите не погодуваат вестите за одредени немири или нестабилности во регионот особено војната во Украина, бидејќи младите сакаат мир и соработка. Да владее една атмосфера на мир во која луѓето ќе соработуваат помеѓу себе и ќе се избегнуваат конфликтите кои се случуваат. Но, свесни сме за комплексноста на регионот и за односите години наназад така што се надеваме дека и нашите носители на одлуки, но и сите останати луѓе во регионот ќе сфатат дека потребно е да се говори за мир и стабилност, а не за нови конфликти и нови предизвици, рече Јованоска.

Мануела Петровиќ претставник од младинска организација од Грчаница, Косово истакна дека ситуацијата на Косово и политичкото влијание е поприлично тензично и се одразува на сите младински заедници посебно на српската и албанската. Според неа, компромисот меѓу Србите и

Албанците во Косово е можен, ако се најде заеднички интерес, но потребна е и поддршка и од политчките претставници.

– Би сакала да има помало влијание, но е невозможно во сред сите овие случувања во последно време. Сметам дека многу е важно пред се да ги разбереме другите кои се во нашето опркужување, а при тоа да останеме тоа што сме ние всушност. Со оглед дека постои популација на Косово која е поприлично млада веруваме дека иднината на Косово е во младите, сега на нас е тоа што веќе години нананзад го говориме да го спроведеме на дело, да се вложиме за нашите интереси и за подобрување на нашата иднина, подвлече Петровиќ.

Гентрит Красничи, претставник од младинска организација за едукација и образование од Косово смета дека прашањето со Косово е повеќе политичка работа.

– Ние младите можеме повеќе да соработуваме, да ги посетуваме местата меѓу себе и така да придонесуваме за мир. Другата работа е дека политичарите, одосно раководствата на двете држави се тие кои ги пропагираат тие проблеми, не ние младите, вели Красничи.

Целта на конференцијата „Објективот на младите за мир и помирување“, според Методија Стојчески од Младински сојуз – Крушево е креирање платформа за младите од Балканот, каде ќе имаат можност да разговараат, да разменуваат мислења и ставови како да го одржиме мирот на Балканот.

– Да ги подготвиме младите луѓе да бидат поотпорни на различните влијанија и да може да го зачуваме мирот и сите придобивки на мирот, соживотот на Балканот, истакна Стојчески.

На конференцијата „Објективот на младите за мир и помирување“ учествуваат 50-тина младински лидери од Северна Македонија, Босна, Србија и Косово.