По 13 години во затвор, нова надеж дека ќе се докаже невиноста на двајцата осудени во случајот „Алфа“, Агим Ислами и Реџаил Ќерими. Рамиз Даути, роднина на еден од осудените вели дека до судот доставиле прочистено и анализирано видео. Вештачењето го направиле надвор од државата, бидејќи како што велат нашите државни органи не го сториле тоа. Како што објаснува за ТВ21, сега во прочистената снимка можат да се видат повеќе детали, кои претходно не можеле да се разликуваат поради нискиот квалитет.
-Ова е голема надеж за нас што ни дава простор за повторно судење на случајот, ни дава правна можност за случајот и сега се надеваме. Вештачењето го доставивме до Судот и ќе ги чекаме наредните денови. Овие 10 дена се многу важни за нас за да се земе предвид како нов доказ. Со ова се докажуваат сите неправди кои се направени досега. 12 години беа невини во затвор, категорично го велам тоа, бидејќи и јас бев уапсен за истиот случај-вели Рамиз Даути.
Дека со прочистената снимка ќе се докаже невиноста, очекува и адвокатката Артене Исеини. Вели дека вештачењето открива многу за случајот и дека ќе го промени целиот правец на процесот. Барање за повторно судење е поднесено неделава во Основниот суд-Скопје, а се очекува Судечкиот совет да донесе одлука.
-Овој правен лек се смета за приоритет што значи дека Судот треба да донесе одлука што е можно поскоро. Мислам дека одлуката ќе биде позитивна. Горенаведените лица да бидат пуштени и да се бранат од слобода. Потоа да почне судењето од почеток. Овој доказ, или овој правен лек да беше познат во текот на претходното судење, секако дека не би можеле да го користиме во оваа фаза. Но, сега во оваа фаза имаме нешто ново што може да ја промени целата фактичка состојба констатирана во претходните одлуки-рече Артене Исеини, адвокатка.
Адвокатката Исени за ТВ21 објаснува дека и претходно поднеле барањето за повторување на процесот, и како одбрана побарале прочистување на видео-материјалот или друго вештачење, но досега не добиле одговор – дали МВР или Бирото за вештачење имаат капацитет да го сторат тоа. Вештачењето направено во странство чинело илјадници евра, а Рамиз Даути, роднина на осудените, ни рече дека владини функционери му ветиле дека ќе му ги покријат направените трошоци.