Почетокот на градежните работи на нова фабрика, инвестиција на „Магна Мехатроникс“ во Штип, која произведува интегрирани системи од механички и електронски компоненти и е една од групациите на канадската компанија „Магна Интернационал“ денеска беше свечено означен со присуство на премиерот Димитар Ковачевски, директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски и потпретседателот на компанијата „Магна Интернационал“, Дејвид Креспи.

Премиерот Ковачевски на почетокот на своето обраќање истакна дека ова е доказ дека сме се поблиску до остварување на целта на Владата на СДСМ, а тоа е да бидеме една од најатрактивните инвестициски дестинации во Европа.

„Оваа инвестиција ја надополнува листата на најзначајни големи инвестиции од светски реномирани компании, кои ја одбираат токму нашата држава како нивна инвеститорска дестинација. Ова е јасен сигнал дека Северна Македонија нуди поволен и предвидлив деловен амбиент за компаниите, за нови инвестиции. Тоа е резултат на нашите стратешки политики, како што е членството во НАТО, како и почетокот на преговорите со Европската Унија. Доаѓањето на странски познати компании кај нас значи повисок инвеститорски рејтинг, отворање на нови и подобро платени работни места, а за нашите граѓани повисоки плати и можности за докажување на стручноста и умешноста на светските пазари. Технолошко-индустриските развојни зони се моторот на нашата економија, а компаниите како „Магна Мехатроникс“ се компании коишто го зголемуваат не само бројот на работни места во државата, не само БДП, туку и меѓународното реноме на нашата држава“, рече премиерот Ковачевски, во своето обраќање пред присутните на настанот.

Ковачевски истакна дека продолжува и растот на извозот кој заклучно со април достигна 1.230 милијарди евра. Само во април, компаниите во ТИРЗ реализирале извоз од 277 милиони евра
што е за 12% споредено со април минатата година.

„Бележиме и пораст на приливите во буџетот, каде компаниите во зоните, уплатиле 35% повеќе средства во Буџетот на државата во 2022 година споредено со 2021 година. Односно за едно евро исплатено од државата, компаниите назад во буџетот враќаат најмалку четири евра. За Северна Македонија како успешна приказна, ќе се слуша сè повеќе и повеќе! Одиме напред и само напред, со нови успеси, со нови инвестиции, отвораме нови работни места и ја развиваме домашната економија“, порача Ковачевски.

Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски нагласи дека е задоволство по една година преговори да се присуствува на камен темелник за новата фабрика на „Магна Мехатроникс“.

„Со оваа инвестиција обезбедуваме право на пристоен живот за најмалку б00 наши сограѓани од овој регион со плати 20% над државниот просек. Ова е пример и вистински модел на соработка на одговорни политичари и институции преку кои покажуваме дека може да испорачаме конкретни резултати за граѓаните. Изразувам благодарност на премиерот Ковачевски за несебичната поддршка од почеток на преговорите и што подметна грб во клучни моменти за процесот да се движи побрзо“, изјави директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски, изразувајќи благодарност и до тимот на ТИРЗ и до градоначалникот на Штип, Иван Јорданов за поддршката на проектот.

„Нашата втора постројка во Северна Македонија претставува уште една одредница на нашето патување кон проширување на нашата работа и способности во регионот, како и поддршка на нашите клиенти со иновативни производи од светска класа. Благодарни сме за поддршката што ни ја дава Владата и остануваме посветени на истражување дополнителни можности за раст“, рече потпретседателот на компанијата „Магна Интернационал“, Дејвид Креспи во своето обраќање на настанот.

Компанијата чие седиште е во Онтарио е специјализирана за дизајн, развивање и произведување автомобилски системи, модули и компоненти коишто се испорачуваат на сите најзначајни производители на автомобили во светот. Станува збор за една од најголемите компании производители во автомобилскиот свет, со 65 годишно искуство, којашто се протега во 29 држави со преку 341 производствена операција и 88 центри за развој, инженеринг и продажба со вкупно 171.000 вработени во рамки на компанијата.

Новиот капацитет на фабриката ќе започне со производство веднаш штом ќе биде изградена. Се очекува тоа да биде кон крајот на оваа година.

Ќе се простира на 18.000 метри квадратни, инвестицијата ќе чини околу 40 милини евра и ќе вработи ооколу 600 лица.