Дополнителни 3,5 денари такса ќе се плаќа за дизелот но и за бензинот. Премиерот Заев објасни што ќе значи еколошката такса која веќе влезе и во ребалансот на буџетот. Објаснувањето е дека на ваков начин државава ќе покажела дека се стреми кон користење на зелена енергија. Владините проценки се дека за една година државата ќе собере 34 милиони евра од оваа давачка, а парите ќе се наменат за инвестиции во обновливи извори на енергија.

Advertisements

„Еколошката такса оди 3,5 денари на нафтата со порака да се откажеме од нафта и нафтени деривати и помалку нивно користење за да поминеме на користење на зелена енергија да се движиме со велосипед, тротинет. Со ова покачување на дизелот заради еколошка такса не заради зголемување на акцизата остануваме со најниски цени во регионот и за нафтата и за бензинот. Пораката јасно ја испраќаме за ориентација на Владата кон зелената агенда“, изјави Зоран Заев- Премиер на РСМ.

Од ВМРО- ДПМНЕ реагираат дека начинот на Владата за воведување на еколошка таска на нафтените деривати дополнително ќе ги втурне граѓаните во сиромаштија.

„ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше, власта велеше дека било лага она коешто Заев денеска го призна и обелодени дека ќе се воведе нова еколошка такса за литар дизел гориво.
За шест месеци дизелот поскапе за 7.5 денари, а сега повторно се удира врз и онака сиромашните граѓани, дополнително зголемување од 3,5 денари“, велат од ВМРО- ДПМНЕ.

Заев потврдува и дека ќе има привремено намалување на данокот на додадена вредност на електричната енергија. Од први јули ДДВ на струјата ќе се намали од 18 на пет проценти во траење од една година. Од први јули 2022 година ДДВ ќе биде 10 проценти за во 2023 година да се врати на сегашните 18 проценти ДДВ на електричната енергија.

Андреа Чобанова

Прикажи повеќе