Никица Корубин
За време на одморот од “одбраната на идентитетот” од Бугарите, формата се одржува со добро познатата, латентна нетрпеливост кон Албанците, скриена во разни форми: “квотите се дискриминаторски”, “седат и земаат плата”, “не плаќаат даноци”, “крадат струја” и најнова, модернизирана форма “новинарите се однесуваат каубојски”. Истите активности направени од Македонците имаат сосема друга квалификација или немаат никаква, бидејќи ниту едно поведение не може да има a priori етничка димензија. А, кај нас има и токму затоа може да се квалификува како Албанофобија, односно нетрпеливост која како основа ја има веќе постоечката предрасуда: пресудата се носи веднаш, фактите не се потребни.
Но, оваа нова албанофобија, се’ појасно изразена, со се’ помала задршка е враќање на општество најмалку 30 години назад и обид за анулирање на целиот макотрпен напредок што Македонија го има направено, дури и како декларативна заложба . Одбивањето, кое трае со години, да се прифати Охридскиот договор, како суштинска одредница и темел на “општество на вклученост”, а не “општество на исклучивост” и негово константно поврзување со партизацијата, односно партократијата која исто така не е етнички одредена и всушност е логично втемелена, негувана и одржувана пред се’ од “македонските” партии; е на иста линија на одбивањето, суштински да се прифатат и Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија. Се разбира, причината на настанување и последиците од истите се структурно различни, но поентата е иста: има ли нешто што ние Македонците можеме, сакаме и умееме да го прифатиме доброволно, а не со присила? Па, нели самиот факт, што се’ се смета за наметнато, повеќе говори за нас самите отколку за другите? И зошто, до тој степен не го разбираме бенефитот за нас или упорно одбиваме да работиме за сопствениот интерес?
Иако сите прашања и претпоставени одговори се однесуваат на граѓаните и нивната речиси рефлексна реакција за многу од горенаведените примери; сепак во општество односно јавен дискурс строго контролиран, наменски воден и константно хранет со сите стравови и предрасуди, кои и треба да водат кон негување на омраза и нетрпеливост, вината е далеку од целосно на нив. Страните од кои доаѓа сета пропаганда и хистерија, се “доверливи и докажани” извори и токму тука се гледа систематичноста во пристапот: довербата е градена со години, од позиција на моќ, сила и влијание. Способноста за селекција на информации е намалена, а секое различно поведени е грев, се’ што отскокнува, во добро познатиот манир на градење и негување на просечност, мора да се “уништи” во зачеток.
Последниот пример со новинарот Салиу, и “згрозеноста на (медиумската) јавност” од неговото поведение, а истовремено целосно премолчување на најстрашниот изблик на класична дискриминација, изречена од државен службеник “јас сум тука сто години, не сум падната од небо или од некое село дојдена” е јасен израз на доминација и ставање до знаење “кој е газда во куќата”. Или кој би сакал, а и би требало да биде газда. И тоа е најрудиментираната, најбазична форма на супериорен однос, врз основа на етничка припадност или во наши околности, школски пример за албанофобија. Свесна или несвесна, сеедно.
И тој сентимент, таа емотивна, нерационала реакција е првиот одговор. И затоа 20 години после Охридскиот договор се’ уште луѓето се чудат, зошто има вработување по квоти? Па, замислете да немаше законска обврска, колку Албанци воопшто би имале пристап до институциите, кога и сега, ментално се враќаме на време и околности кои довеле до Охридскиот договор. Со други зборови, да сме имале свест за вклучување на сите граѓани во системот тоа ќе сме го направиле и без Охридскиот договор. Фактот што нас ни пречи тоа, со веќе етаблиран договор, е најголемиот доказ зошто тој морал да постои. И кога веќе сме толку чувствителни на квотите, зошто со иста страст не реагираме и “за квотата за јазикот од 20%”, нели е тоа исто така дискриминаторски? Затоа што не е до квотата, до носителите на квотата е и пред се’ е до нивно и наше искористување, во ултимативното докажување дека “државата е нефункционална”, ама не како оправдана критика од граѓаните со цел нејзино подобрување, туку како конечен суд со јасната паралела и репер на единственото добро “нашата сакана Југославија”.
Сите патишта водат во Рим, велат. Каде сака нашата “јавност” сите патишта да водат? Фикцијата и утопијата на југоносталгијата е само мамката, свет кој не само што одамна не постои, и никогаш не постоел во романтичната верзија; туку е свет кој се распадна во брутални и пеколни војни, кои секој треба да ги има ум кога ќе каже, “порано убаво се живееше”. За тие што преживеа. И затоа овој нов бран на албанофобија, смислено, ама и веќе видено воден не е “пат во (измислениот) рај” туку директно во пеколот, на нашата неспособност да видиме кој е нашиот интерес. Добро, тоа “нашиот” треба да се прецизира. Белким, нема сега да го превземаме товарот на тие кои сакаат ваква статус кво ситуација, со потенцијал на влошување. Со помалку предрасуди и повеќе верба во себе, перспективата е сосема поинаква. Речиси, како паралелна реалност. Наша или нивна?
Raus, das spiel ist aus.