Општина Илинден континуирано вложува во уредување и модернизација на јавниот простор во сите населени места, создавајќи современи и пријатни локации за квалитетно поминување на слободното време на граѓаните. Во таа насока, во населеното место Марино е изграден нов урбан парк со повеќе содржини, информираат од таму.
Паркот се наоѓа меѓу улиците „531“, „532“ и „534“ и зафаќа површина од околу 6.000 м². Просторот е партерно уреден, поставено е улично осветлување, чешми, клупи, корпи за отпадоци, паркинг простор, пешачки патеки и пристапна сервисна улица. Паркот е збогатен и со зелени површини, отворен плоштад наменет за јавни настани, централна фонтана, жардињери со декоративни растенија, како и детско игралиште опремено со современи реквизити за најмладите.
Градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, при увидот на плоштадот истакна дека уредувањето на јавните простори е од суштинско значење за подобрување на условите за одмор и рекреација на граѓаните.
„Општина Илинден и понатаму ќе продолжи со активности за унапредување на јавната инфраструктура и создавање урбано уредени простори во сите населени места низ општината“.
Текстот Нов урбан парк во Марино, унапредување на јавната инфрастуктура во Општина Илинден, најави Георгиевски е превземен од МАКФАКС.